Пишува: Џелал Незири
После многу напор, двоумење и тактика, Алијанса на Албанците (АА) на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши формираа предизборна коалиција, со која ќе одат на предвремените парламентарни избори предвидени за на 12 април.
Пред официјализирање на оваа коалиција, АА испрати ултиматумска понуда до Алтернатива и БЕСА на Билал Касами, каде кандидатските листи во првата и втората избирачка единица – каде всушност би можеле да освојат еден пратеник – ќе се предводат од Алтернатива, додека во петтата и шестата изборна единица на чело на листите ќе бидат кандидати на АА. Оваа понуда беше оценета како понижувачка од страна на БЕСА и истата е одбиена, додека беше прифатена од Алтернатива.
Коалицијата се чини дека била планирана порано, но морала да биде менаџирана на таков начин за партијата на Касами да не учествува во неа. Од 2018 година, кога партијата предводена од Касами беше поделена на два ентитета, на Села му беше јасно дека ќе мора да избере меѓу две ривалски партии. БЕСА на Касами е концентрирана во Полог, која е дел од шестата изборна единица, додека Алтернатива на Гаши – како партија излезена од БЕСА – е добро позиционирана во првата и втората изборна единица. Со оглед на оваа изборна географија, АА се чини дека се реши за ваква коалиција заради недостаток на поддршка во единиците каде Алтернатива стои најдобро. Врз основа на резултатите од последните локални избори од 2017 година, партијата на Села има значителна поддршка во единиците 5 и 6, но не толку добро во единиците 1 и 2. Според математиката на АА, со Алтернатива ќе се покријат сите изборни единици од каде што излегуваат албански пратеници и со тоа посериозно да конкурираат со Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети.
Во меѓувреме, на претседателските избори во 2018 година АА беше во коалиција со БЕСА, кандидирајќи го за претседател на државата, Блерим Река, единствениот албански кандидат во трката. Иако се знаеше дека шансите на Река да биде избран за претседател беа теоретски, Села и Касами ја најавија оваа соработка како долготрајна коалиција, а Река како обединувач на албанската опозиција. Коалицијата освои околу 80.000 гласови во изборна трка без противкандидат Албанец, откако ДУИ и Алтернатива – како владина партија – го поддржаа Стево Пендаровски уште во првиот круг, како кандидат за владејачка коалиција предложена од СДСМ. Овој контингент на гласови од коалицијата Села-Касами секако дека не е доволен за да се порази ДУИ, која имаше околу 84.000 на изборите во 2016 година, а во 2017 година – околу 86.000 гласови.
Ако се земат предвид гласовите за општинските совети собрани на локалните избори 2017 година, тогаш АА би броела 6 до 7 пратеници, додека Алтернатива 2-3 пратеници. Врз основа на овие изборни резултати, Алтернатива би освоила еден пратеник во првата изборна единица, еден во втората изборна единица додека под знак прашалник би бил пратеникот во шестата. АА би освоила пратеник во петтата единица, еден во втората и четири во шестата изборна единица. Според резултатите од овие избори, но и од кредибилни анкети, најоптимистичката варијанта е коалицијата АА-Алтернатива да освои 10, додека најпесимистичката – 6 пратеници. Од друга страна, врз основа истите показатели, ДУИ би освоила 10 до 12 пратеници, БЕСА 1 до 2 додека ДПА 1 пратеник.
Оваа анализа не ја фаворизира победата на коалиција Села-Гаши во однос на Ахмети, кој освен што може да има уште 1 до 2 пратеници повеќе, по изборите би можел да привлече во неговата орбита и пратениците кои би ги добиле БЕСА и ДПА.
Од друга страна, во трката за гласови на етничките Албанци и на овие избори ќе биде СДСМ на поранешниот премиер Зоран Заев. Најавени се предизборни коалиции со најмалку една албанска партија и доминација на кандидатите Албанци во листата за пратеници во шестата единица. Вкупниот број пратеници што ќе ги добие Заев, како и бројот на албанските пратеници, може да ги определат идните коалиции за формирање на влада. Доколку СДСМ победи на изборите со 52-54 пратеници и има најмалку 5 албански пратеници, тогаш се очекува да склучи коалиција со АА-Аалтернатива, со што би ја однело ДУИ во опозиција по 12 последователни години на власт. Доколку СДСМ освои 49-52 места, тогаш коалицијата со ДУИ би била неизбежна.
Без оглед на овие предвидувања, исходот од 12 април ќе зависи првенствено од партиската стратегија, понудите, кадровски решенија и конкретните теренски активности.