Многу е важно да се разбудиме! Ни смрди! На човечко месо кое го јадат кучиња скитници додека гледаме телевизија. Притисокот не смее да запре по завршувањето на изборите! Мора да се најде виновникот! Да се санкционира! Ако не се случи тоа, многу брзо никој нема да може да почувствува никаков мирис, оти ќе скапаме ние!
Автор: Катерина Топаллова
Градоначалникот Шилегов на прес конференција кажа дека медицински отпад без термички да се обработи и стерилизира од погон на фирма се депонирал на депонијата „Дрисла“, а за тоа инспекторите на Град Скопје имаат видеоматеријал снимен во декември кој веднаш го предале во Јавното обвинителство. Тие презентираа видеа и фотографии на кои, како што рекоа, се гледаат кучиња скитници како јадат човечки остатоци и крв што потоа истекувало во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
Но, Државниот инспекторат извршил надзор во погонот на 12 декември 2019 година, каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. Со вонредни контроли уште еднаш ќе утврдуваат евентуални неправилности, а потоа ќе и претстават на јавноста.
Во земја каде се е вест, згрозување од ваква информација може да трае максимум 2 дена! Ќе се заборави со следното судско рочиште за кој било предмет каде што ќе има театар во кој репликите се со најнизок речник.
Како се стигнува до тука?
Најпрво системски се руши образовниот систем. Се штанцаат генерации кои немаат моќ да размислуваат со своја глава. Потоа со помош на медиумите се прават лажни приоритети, се дефокусира јавноста и лесно се соголува. Сиромавиот народ станува зависен. Седи дома и гледа телевизија. Телевизијата го нуди тоа што некој друг го сервира. Во меѓувреме, на се што е надвор од металната кутија наречена телевизор, се случува реалност. Јадници преку ноќ стануваат сопственици на компании со голем обрт на средства. Извршуваат матни зделки за големи пари. Ова се случува на секое можно поле.
Додека трае забавата на телевизија, се откинуваат алки од синџирот и тој не може да функционира. На толпата и станува јасно кога од синџирот не останува ништо.
Доцна ли е?
И да и не! Штом уште можеме да го почувствуваме миризот на скапаното месо, значи работи уште некој рецептор. Важно е да останеме будни!
Тешко ли е?
Општо е познато дека сонот ги завладува најмногу оние кои немаат доволно кислород! Спијат подолго и почесто дебелите, чиста биологија.
Многу е важно да се разбудиме! Ни смрди! На човечко месо кое го јадат кучиња скитници додека гледаме телевизија. Притисокот не смее да запре по завршувањето на изборите! Мора да се најде виновникот! Да се санкционира! Ако не се случи тоа, многу брзо никој нема да може да почувствува никаков мирис, оти ќе скапаме ние!