При ваков општествен- политички и медиумски контекст, со ваква сопственичка структура на медиумите, од кои голем дел функционираат во рамките на големи компании кои имаат интереси и индиректни релации со државата, при ваков статус на новинарите во општеството, со мали плати, со незаштита на работничките права и непотпишан колективен договор, не може да се очекува од новинарите да истражуваат корупција, криминал, „градежна мафија„, злоупотреба на службената положба или непотизам
Автор: Сефер Тахири
Уште на почетокот да нагласам дека истражувачкото новинарство во нашите медиуми уште долго време ќе биде само посакуван идеал. Зборувам за медиумите кои што се приватни и јавни, но не се финансираат од меѓународни фондации и организации.
Имено, финансискиот капацитет на медиумите не го дозволува односно го онезвоможува истражувачкото новинарство. Чест на исклучоците! Да бидам по директен, не можеме да очекуваме дека со бедни новинарски плати од 300 или 400 евра новинарите ќе се амбицираат самоиницијативно да истражуваат теми од сферата на корупцијата и организираниот криминал, во кои можат да бидат вклучени луѓе со голема моќ: политичка, економска или подземска!
Не можеме да очекуваме да имаме истражувачко новинарство во јавниот сервис, кога иститот не е реформиран најмалку, освен што со укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето од страна на буџетот на државата е ставен во уште покомотна состојба! И без тоа, генерално во општеството, има проблеми околу познавањето на концептот на јавниот сервис, додека финансирањето од страна на буџетот, за жал, уште повеќе го зацврстува концептот на државен сервис, познат од времето на минатитот комунистички систем.
Ова покажува дека ние системот сме го менувале формално- правно, но не сме успеале да го менуваме и менталитетот на функционирањето на институтициите. Практично токму јавниот сервис, меѓу другото има обврска да негува ваков вид на новинарство во функција на јавниот интерес.
Истражувањето на корупцијата е еден од предусловите за јавниот интерес во медиумите. Притоа мислиме на вистинско истражување, бидејќи за корупцијата повеќе се известува од институционална перспектива и кога ќе има некоја оставка како на пример она на Асим Муса, заменик министер за здравство. Земањето мито од 50 евра беше откриено не од нашите, туку од еден медиум во Албанија- Топ ченел!
Jавниот сервис треба да го има врвен приоритет јавниот интерес, а не да биде само трансмитер односно продолжена рака на политиката. Имено, поразително е сеуште да имaме јавен радиодифузен сервис, кој не ги покренува прашањата од јавен интерес. Се задоволува со површно известување, како што известува редовно пренесувајќи го дневниот развој на настаните.
Истражувањата на информативните содржини како што е „РАЗНОЛИКОСТ ВО ИЗВЕСТУВАЊЕТО НА ЦЕНТРАЛНИТЕ ИНФОРМАТИВНИ ИЗДАНИЈА КАЈ НАЈГЛЕДАНИТЕ ТВ-КАНАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА“ реализирано од МИМ дава податок кој говори многу. Само 15 отсто од објавените прилози беа анализи, интервјуа, истражувачки стории или репортажи. Во рамките на овие 15 % се вброени и извештаите кои содржат аналитички елементи, иако сметам дека анализа априори не значи пренесување на изјави на двајца аналитичари да речеме за една тема.
Што покажува овој факт?
За жал на новинарите во редакциите не им се овозможуваат услови да бидат поаналитични и да ја истражуваат корупцијата во системот (земање и давање поткуп, перење пари, корупција за време на избори, измама со субвенции, корупција во јавните тендери и набавки, даночна измама итн.), туку својата работа ја засниваат на репортерското новинарство, кое за жал во многу случаи е без продлабочување на проблемите, без да се земаат предвид втората страна или страните вклучени во одредена проблематика, но и без контекстуализирање и одговорност кон јавноста.
Темите и актерите кои се дел од информативните изданија покажуваат дека доминира политиката и политичарите, а во доволен процент се застапени изјави и протоколарни билатерални средби, во кои има сувопарен дипломатски речник или слики на политичари кои излегуваат од црни лимузини и се ракуваат, наместо истиот информативен простор да се надополни со третирање на теми од јавен интерес.
Дел од медиумите намерно како да забораваат дека не се ниту гласило на државните институции, ниту портпароли на партиите. Улогата на медиумите не е да информираат за сето она за што некој проценил дека би требало да се информира. Улогата на медиумите е да ја информираат јавноста за прашања од јавен интерес, за она што е од интерес и што влијае врз животот на повеќето граѓани, како што е трошењето на парите на граѓаните, но и да истражуваат за коруптивни и криминални дејанија на поединци или групации во власта и вон неа.
Ако продолжува ваквиот тренд, телевизиите, особено комерцијалните ќе стануваат се понеинтересни за публиката, ќе се намали нивната гледаност а новите/ онлајн медиумите ќе бидат се по следени од граѓаните! Трендот на опаѓање на следеност од страна на публиката веќе длабоко го почуствуваат весниците. Свесен дека ова е лесно да се кажува како констатација, ќе кажам дека печатените медиуми можат да вратат одреден процент на публиката токму со истражувачки стории на корупцијата и криминалот. На пример можеме да го издвоиме истражувањето на дневниот весник Коха започнато на 19 февруари 2018 година за скандалозното доделување на финансиските средства на годишниот конкурс на Министерството за култура.
Истражувањето резултираше со оставка на министерот на 22 мај, 2018 година. Тука може да се споменуваат и одредени истражувања во други печатени медиуми, кои квантитативно не се ни на оптимално ниво!
На 28 јануари 2019 година министерот за транспарентност, комуникации и отчетност Роберт Поповски соопшти дека на 11 (од вкупно 13 пријавени) печатени медиуми Владата на Северна Македонија им додели финансиски средства во вредност од 700-тини илјади евра.
Кога се има предвид дека поголемиот број на весници и списанија добиваат државни субвенции за печатење и дистрибуција, тешко, дури и нереално е да се очекува дека ќе имаме зголемување на квантитетот на новинарските истражувања на корупцијата, во која може да е вмешана и власта. Секако, не исклучуваме дека може да имаме обиди за истражувачко новинарство и би сакале весниците со нивната работа да ги демантираат ваквите песимистички претпоставки!
При ваков општествен- политички и медиумски контекст, со ваква сопственичка структура на медиумите, од кои голем дел функционираат во рамките на големи компании кои имаат интереси и индиректни релации со државата, при ваков статус на новинарите во општеството, со мали плати, со незаштита на работничките права и непотпишан колективен договор, не може да се очекува од новинарите да бидат самоинцијативни и да потикнуваат дискусија за да придонесат за самите медиуми да истражуваат корупција, криминал, „градежна мафија„, злоупотреба на службената положба, непотизам итн. Значи да ги истражуваат и третираат вистинските прашања од јавен интерес, но тоа не значи дека треба да молчат, туку треба да се борат во рамките на редакциите.
И сега се поставува клучното прашање?
Дали со вакви плати некој воопшто сака да стане новинар, а камоли истражувачки новинар, кој ќе истражува корупција и тоа висока или системска? Се помал е бројот на заинтересирани млади за да студираат новинарство, тој број од година во година е во опаѓање. Но, и тие кои студираат, формалното образование не ги обучува доволно за истражувачко новинарство.
Анализата на наставните програми на факултетите по новинарство и комуникации покажува дека:
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на студиите по новинарство, медиуми и комуникаци предметот
Истражувачко новинарство е под графата други изборни предмети.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на студии по новинарство и односи со јавноста е обврзувачки предмет, но во VI СЕМЕСТАР!
На Универзитеот на Југоисточна Европа – Тетово, на студиите по комуникации не постои предмет Истражувачко новинарство!
На Државниот тетовски универзитет, предметот е изборен во седмиот семестар.
Да сублимирам, истражувачкото нивинарство за жал, колку е присутно во медиумите, толку е присутно и во студиите.
Во медиумите ептен спорадично, а во студиите како изборен предмет. Се додека е така не можеме да очекуваме дека таа ќе биде обврзувачка активност на новинарите!
*Сефер Тахири на оваа тема зборуваше на годишната конференција во рамките на проектот „Заедни во борба против корупцијата„ организана од страна на Центарот за истражувачко новинарство Скуп, Институтот за човекови права и невладината организација „Медиум„.