вторник, јули 16, 2024

Сите сакаат да лижнат од медот

Автор: Катерина Топалова 

 

„Медена земја“ им го помати умот на сите. Филмот кој доживеа светска слава уште пред официјално да добие Оскар, помина низ неколку фази дома. 

Прва фаза:

Снимање. Три години никој не знаеше ништо за филмот. Атиџе живееше тежок живот, обезбедувајќи си опстанок во соживот со пчелите и природата. По одлуката да учествува, три години живеела пред објектив. Дење, ноќе, зиме и лете, скромната жена пред камерите го правела сето она што го правела и пред да се вклучат рефлекторите.

Втора фаза:

Емитување. Откако се емитуваше, „Медена земја“ доби пофални зборови од малкумината љубители особено на документарниот филм па со тоа изнуди и продажба на билет повеќе низ кината во Македонија. 

Трета фаза:

Награди. Како што се одмотуваше лентата на филмот во светот, наградите почнаа сами да се нижат. Објавувајќи за наградите, сите сфатија дека би требало да бидат фанови на оваа навидум обична приказна.

Четврта фаза:

Номинации. По номинирањето за Оскар, „Медена земја“ доживеа буда од емоции дома. Тие одеа од крајност во крајност, од-најдобриот филм со кој се гордееме, до катастрофална приказна која дава изопачена слика за нашата земја.

Сепак, документарната приказна која им ги шие оделата и фустаните на главните „виновници“ за во Холивуд, преживува една хистерија кај нас. Медот го намирисаа сите, ама тешко оди контролата на емоции. Во теглата секој сака да ја спушти лажичката и да лижне од медот. Ако му се посреќи-и да лапне повеќе. 

По историскиот успех на „Медена земја“, мајмун во зоолошката градина доби име по ѕвездата на филмот, а одговорните направија ПР на социјалните мрежи објаснувајќи дека оддаваат почит кон хероината со нивниот потег.

Министри и технички министри направија натпревар кој ќе објави „селфи“ со Атиџе. Новинарите во еден ден дознаа каде е селото Бекирлија и пееја песни со неа. Градоначалникот одеднаш сфати дека му недостига хигиеничарка и дека идеална за таа работа е Атиџе. Владата обезбедува билети за целиот тим да замине за Холивуд. Ветени се и куќи за актерите од филмот и награда за тимот што работеше на документарецот.

Има една позната спортска акција што се прави секоја година кај нас, а чие име целосно соодветствува со хистеријата која се случува околу филмот- „Прв до врв“!

Важно е да се знае дека Бекирлија е далеку, стрмен е патот до таму, потребна е кондиција, трпение и многу калливи обувки. 

Собата во која Атиџе живеела е темна, празна и студена. 

Пчелите од кои живеела се бројни, зујат и касаат ако им го нарушиш правилото. 

Ниту Атиџе стана позната поради еден потег, ниту вие ќе бидете славни ако имате фотографија со неа.

Сладок е медот! Ама додека да се стигне до него треба работа! 

 

Të fundit