понеделник, октомври 7, 2024

Крпен студентски живот

На денешниот настан во Europe House МОФ ги презентираше двете истражувања за студентски стандард, и тоа: како се трошат средствата на Државниот студентски дом Скопје и Перцепции за корупција на станарите во ДСД – Крпен студентски живот .

Целта на овие две истражувања е да се види и утврди во колкава мера буџетот на ДСД и неговото трошење на ги задоволува потребите на станарите во Кузман Јосифовски – Питу, Гоце Делчев и Стив Наумов. Просечниот буџет изнесува 3,5 милиони евра, за 10 месеци престој на студентите, плати за вработените и трошоци за функционирање на домовите.
Уделот во буџетот за платите на вработените е речиси двоно поголем од трошоците на ДСД за храна на станарите.

Од склучени вкупно 193 договори за јавни набавки 67 договори се за обезбедување на храна, ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, доаѓаме до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите. 

“Ако набавената храна се спореди со вкупниот број на корисници на студентските мензи доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат 1 килограм свинско и 472 грама говедско месо годишно”, вели Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ

Според МОФ, предмет на истражување биле 3те домови кои спаѓаат во Државниот студентски дом.

„Податоците покажуваат дека имаме пад во бројот станарите на Гоце Делчев меѓутоа ова се должи на тековното реновирање на просториите, од друга страна Кузман Јосифовски  – Питу има тенденција во пад на бројот на станари и без затворање на делови за интервенции и реновирање. Најголем дел од расходите на Владата во периодот кој се анализира се наменети за стипендиите за станарите, односно субвенционирани легла и исхрана“, се вели во анализата.

Теренското анкетирање беше направено во трите студентски домови, на скала од 1-5 квалитетот на живот е оценет со 2,5 а отскокнува оцената на станарите во Гоце Делчев 3,7. Најголем недостаток се забележува кај средствата и простории за учење како компјутери и читални. Генерално станарите се незаинтересирани за начинот на работа на домовите. Животот во студентски дом го избираат токму поради ниската цена за домување, добивање на легло и оброци. Станарите велат дека поради низок степен на грижа и одржување на хигиена од страна на станарите – домовите се наоѓаат во состојбата во која се, но од друга страна за ова значително придонесуваат ниските средства со кои располага ДСД. 91% од станарите никогаш не биле консултирани, околу 19% немаат време а 18% не се информирани како да се вклучат, не веруваат дека нешто можат да променат, а загрижува тоа што 10% веруваат дека во донесување на одлуки се вклучени само оние студенти кои се блиски до раководството на домовите.

40% од станарите никогаш не го прочитале законот за студентски стандард а исто толкав процент не знаат дека постои извештај за работата на ДСД.

57% познаваат некој кој преку врски и познанства добил студентско легло, односно подобро студентско легло 55% од испитаниците споделија дека леглата се распределуваат по партиска припадност.

14% од станарите не знаат каде да пријават корупција, која е постапката што треба да ја преземат иако се свесни дека треба, оние кои нема да пријават се плашат да не го изгубат леглото во студентскиот дом (15%) – што се јавува како главна причина за непријавување веднаш по оние 30% дека ништо нема да се промени дури и ако пријават.

Државниот студентски дом треба да направи соработка со повеќе државни иституции затоа што не може како посебна институција да функционира без помош од други институции. Оваа година е особено важно ДСД да обезбеди фер избори на претставници на станарите за студентите конечно да имаат тело кое ќе ги претставува. Треба да ги информира станарите за нивните права и можности за учество во донесување на одлуки како и да прави редовна годишна евалуација за да се има јасна слика за потребите на станарите кои ќе се вклучат во годишните програми за работа.

Të fundit