вторник, декември 10, 2024

Пожарите во Австралија ја пеплосуваат мапата на светот

„Ние не ја изгубивме само куќата. Куќата и не е проблем, многумина се без куќи. Мојата беше македонски етно – музеј.“ Со солзи во очите и растреперен глас раскажува Жаклина Михајловска чие семејство вчера го почувствува Австралискиот пекол на своја кожа. Пожарникарите не успејаа да го спасат домот на поетесата во живописното село на падините на Снежните Планини. Закрепнувајќи од шокот, претседателката на Македонскиот училишен одбор за Нов Јужен Велс раскажува дека изгубила богато наследство.

„Најмногу ми е жал што сите артефакти, дури некои и по повеќе од 300 години, завршија на буниште, во пепел. Таму на пример имаше завеси што ги ткаела мојата прабаба, која што сама одгледувала свилена буба. Имаше клопци, имаше тепсии, имаше котлиња, имаше се што е македонско ткаење… Сево ова со години го купував со желба да направам македонски музеј, етно-музеј во Сиднеј, Македонски културен центар, да оставам нешто дека македонската заедница живее овде,“ вели Михајловска.

Горењето на сопствениот дом, го видела на телевизија.

Катастрофата се продлабочува

Она што никогаш не ќе може да се надомести се изгубените човечки животи и изгубениот животински и растителен свет.

Бројката на загинати се искачи на 26 лица.

Со ширењето на пожарите, пак, бројката на изгорени животни е околу една милијарда

Проблем е и за оние животни кои преживеале. Живеалиштата им се изгорени и сега немаат каде да се сокријат, стануваат лесен плен за нивните предатори. 

Според последните податоци, само на островот Кенгур се изгубени 25 илјади коали, половина од вкупниот број на оваа врста на животни кои живееле на островот. Од жителите на ова место е побарано да се евакуираат поради тоа што временските yслови се непредвидливи. 

Изминатите два дена имаше пониски температури, со повремени слаби дождови. Ова им овозможи на пожарникарите да земат малку здив пред временските усови повторно да се влошат. Дождовите секако го немаа потребниот интеназитет да ги изгаснат пожарите, а исто така до некаде одмогнаа при планираното контролирано палење со цел да се зацврстат тие т.н. Линии на одбрана и пожарите да се стават под контрола. Во делови на австралија се очекува живата утре да се искачи и над 40 тиот степен.

Моменталната состојба и натаму е катастрофална. Според последните податоци само во државата Нов Јужен Велс потполно се уништени повеќе од 1800 домови. Изгорени се пет милиони хектари шума само во овој дел од Австралија. Во многу места на Викторија туризмот е згаснат, локалните бизниси исто така. Премиерот на Австралија, Скот Морисон објави две милијарди долари помош за следните две години, а помош почна да пристигнува и од други извори. Уништени се и извори на храна. Катастрофата не е завршена вели уредничката на националното радио „СБС“ на македонски јазик, Радица Бојковска.

„Австралија никогаш нема да биде иста. Катастрофата е со навистина невидени размери досега. Ќе биде потребно многу долго време само за закрепнување. Еколозите проценуваат дека ќе бидат потребни децении, па и столетија за нормализирање на дождовните шуми и другата вегетација“, вели Бојковска. 

Кој ќе сноси одговорност?

Уште е рано да се каже на кого и на колку луѓе ќе се сведе вината за оваа катастрофа. Луѓето бараат одговорност иако целата ситуација веќе се политизира. Причините се комплексни. Лоша комбинација од природни фактори и терен создаден од луѓето доведоа до ваков резултат. 

„ Опозицијата бара т.н. кралска истрага за пожарите. Тоа е доста скап и долг процес. Премиерот Морисон неодамна рече дека не ја отфрла можноста за таква истрага“, вели Бојковска.

Инаку познатиот економист Рос Гарнаут, уште во неговиот извештај за климатските промени во 2008 година предупреди за сезона на поинтензивни пожари во 2020 година и многу поран почеток на пожарите од вообичаеното. 

Исто така и од бирото за метеорологија рекоа дека доказите за досега невидената должина за оваа сезона на пожари биле очигледни пред две години а беа и повторно потврдени во годишната изјава за климата „2019 Annual Climate Statement“. 

 

2019 година најжешка во историјата на Австраија

2019 година постави рекорд за најжешка и најсушна година за Австралија, откако се забележуваат податоците. Просечната средна температура во земјата во 2019. беше за еден ипол степен над просекот. 

 

Të fundit