вторник, март 25, 2025

На кој до што му е

Во Македонија има 18 апарати за мерење на квалитетот на воздухот. Една третина од вкупниот број или вкупно 6 се во Скопје, останатите 12 се распоредени низ земјата. Според директивата на Европската Унија (CAFÉ-Clean Air for Europe Programme) барањето е задоволено. Од резултатите кои ги даваат овие инструменти се крои државната стратегија и се бројат парите од државното ќесе кои ќе се потрошат за почист воздух.

Автор: Катерина Топалова

Претходната недела службено престојував во Виена. Од хотелот до аеродромот организирав такси превоз. Деловно стокмен господин ме возеше до аеродром. Попатно ме праша од каде сум и какви се конекциите на мојот град со Виена. 

Радосно одговарам-за среќа сега чести и лесно достапни. Замислете, му велам, најевтината варијанта со нискобуџетна компанија нуди за 50тина евра да купите повратен билет, да се напиете кафе, да јадете улична храна во Виена и да заминете повторно за Скопје. Уште посреќна му објаснувам дека имаме четири пати неделно директна линија од кај нас до кај нив.

Господинот загрижен одговара-уф, тоа не е воопшто добро. Авионите се едни од најголемите загадувачи, а со толку чести линии само ги поттикнуваме климатските промени. 

Следните 20-тина минути, Австрискиот такси-возач ми зборуваше за еколошките катастрофи, за лошата свест во светот за уништувањето на природата, за профитот пред здравјето. 

Со почитуваниот господин се разделивме. По час и половина во воздух едвај слетавме на скопскиот аеродром. Од чад и магла не се гледаше ништо. 

„Прошетавте ли?“ ме праша таксистот во Македонија кој ме возеше до дома. 

Велам, да, до Виена на неколку дена. 

„Убаво. Секаде е поубаво од овде. Видовте ли што направи Заев? Ама и Мицкоски е за ќотек. Море никој, за никој не гласам повеќе.“

Побрзав да го прекинам-а како возите низ маглава? Гледате ли убаво? Безбедно ли е? Ја чувствувам и горчината на чадот што влегува во автомобилот.

„Е тоа е. Загадено е. Ќе тераме“, отсечно и без многу задржувања на темата продолжи средновековниот возач кој го напрегаше целото свое тело за да ја погоди линијата од патот и да ме однесе до крајната дестинација.

Далеку е Виена. Не во километража, во високата свест! Таму таксистите го бројат потрошениот керозин во воздухот за да им реагираат на властите. Овде не уби едноличната политика која нуди леб и игри.

Се потрудив за оваа колумна да најдам релевантни податоци за мерната станица на квалитетот на воздухот, за да знаеме што и колку не труе деновиве. 

Во Македонија има 18 апарати за мерење на квалитетот на воздухот. Една третина од вкупниот број или вкупно 6 се во Скопје, останатите 12 се распоредени низ земјата. Според директивата на Европската Унија (CAFÉ-Clean Air for Europe Programme) барањето е задоволено. Од резултатите кои ги даваат овие инструменти се крои државната стратегија и се бројат парите од државното ќесе кои ќе се потрошат за почист воздух.

Првите инструменти се поставени пред околу 11 години. Сите што припаѓаат на официјалната станица се од странски донации. Еден инструмент со шест мерачи чини 150 илјади евра. Рокот на траење на секој од нив е 10 години. Со помош на странски пари до сега се сменети само неколку. Државата за прв пат, со буџетски пари набавува инструменти.

Ако се земе предвид дека во последните неколку години постојано има неколку мерни станици кои не се во функција, тогаш логично е дека и стратегијата која се крои е погрешна или направена со податоци кои имаат дупки.

Ако немаме точен податок што и колку не труе, понатаму муабетот е излишен. 

Муабетот на таксистите ја потврди онаа старата-На кој до што му е! На Австријците до воздухот и климатските промени, на нас до Заев и Мицкоски! Точка.

 

Të fundit