Премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се соочува со голем притисок од страна на „урбанското крило“ во рамките на неговата партија, предводено делумно од заменик претседателот и министер за одбрана, Радмила Шеќеринска, и делумно од поранешниот лидер, Бранко Црвенковски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, ја зацврсти позицијата на партијата по задоволителниот резултат на минатогодишните претседателски избори. Но, старите партиски структури и бројните фракции може да го симнат од „престолот“ ако не успее да ја врати партијата на власт. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се чини дека го води 11-тиот круг, можеби последниот од неговиот политички маратон. Сериозно оспорен од опозицијата, тој сака да стави крај на својата политичка кариера како победник. Лидерот на АСH, Зијадин Села ќе ја има последната шанса да го предизвика својот главен политички ривал – Ахмети. Друг пораз од Ахмети би го делегитимирал Села за лидер на албанската опозиција.
Пишува: Џелал Незири
Овие избори, исто така, се очекува да бидат „живот или смрт“ за актерите во политичката сцена во Република Северна Македонија. Како да не биде така кога тие се предвремени или вонредни. Од 2006 година земјата нема регуларни избори.
Таа година се одржаа вторите редовни избори по вооружениот конфликт во 2001 година. После половина година на власт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во 2001 година беше формирана широка коалициска влада што го реформира Уставот и изборниот систем со цел да се организираат редовните избори во 2002 г. Доколку не се одложат за октомври, изборите на 12 април ќе бидат петти последователни предвремени избори. Првите избори без крај на мандатот беа распишани во 2008 година, потоа повторно во 2011, 2014 година и конечно во 2016 година.
Овој циклус на чести, вонредни избори е показател за тековната политичка криза во Северна Македонија, која трае веќе 11 години. Почна со Грчкото вето за членство на Северна Македонија во НАТО, користено на Самитот во Букурешт во 2008 година, продолжи со француското вето на Самитот на Советот на ЕУ овој октомври, што ја спречи земјата да ги започне разговорите за членство со Брисел .
Ако државата и нејзините граѓани страдаат во овие политички кризи, тоа мора да важи и за политичарите. Во секоја криза тие гледаат можности да ги подобрат своите позиции на сцената. И за ова тие секогаш бараат предвремени избори, со што сакаат да ја докажат својата моќ и да ја пренесат еуфоријата на победникот до своите следбеници и воопшто до гласачкото тело.
Изборите на 12 април дефинитивно ќе бидат уште еден изборен судир, клучен за кариерите на клучните фигури на политичката сцена во Северна Македонија.
Премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се соочува со голем притисок на „урбанското крило“ во рамките на неговата партија, предводено делумно од заменик претседателот и министер за одбрана, Радмила Шеќеринска, и делумно од поранешниот лидер, Бранко Црвенковски. Откако не успеа да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, се вели дека Заев се соочил со сериозни критики за склучените договори со Грција и Бугарија, како и донесувањето на Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот се стекнува со статус на службен јазик. Овие три моменти, заедно со бројните корумпирани афери, придонесоа за пад на поддршката за СДСМ, па евентуалниот пораз на изборите би значел политички крај за Заев и за „руралното“ крило на партијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, ја зацврсти позицијата на партијата по задоволителниот резултат на минатогодишните претседателски избори. Но, старите партиски структури и бројните фракции може да го симнат од „престолот“ ако не успее да ја врати партијата на власт. Реформската група на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Петар Богоевски, веќе ја објави новата десничарска партија „Македонски концепт“. Сличен чекор се очекува да преземат и осуммина протерани пратеници на оваа партија, за кои се вели дека ја имаат поддршката од најмоќниот човек во партијата во изминатата деценија – Сашо Мијалков. За лидер на оваа десничарска политичка иницијатива се вели дека е Минчо Јанчев, градоначалник на општината на Кавадарци, еден од најуспешните градоначалници во земјата и во исто време филантроп, сакан од населението. Друга фракција во рамките на ВМРО-ДПМНЕ се состои од луѓе кои изминативе десет години биле партиски столбови и кои биле маргинализирани од Мицковски – како Антонио Милошовски или Владимир Ѓорчев. Сите овие групи би можеле да ја поткопаат предвидената победа на ВМРО-ДПМНЕ на 12 април и со тоа да ја отворат темата за избор на нов претседател на политичкиот субјект.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се чини дека го води 11-тиот круг, можеби последниот од неговиот политички маратон. Сериозно оспорен од опозицијата, тој сака да стави крај на својата политичка кариера како победник. Досега тој ја водеше партијата во осум изборни циклуси – шест парламентарни и четири локални – победувајќи над конкурентите одделно. Во 2016 година забележа најголем пад на поддршката, но повторно излелзе со поголем број албански пратеници поради неможноста на албанската опозиција да влезе во коалиција. Пред неколку години, Ахмети најави дека ќе се повлече од функцијата лидер на ДУИ по интеграцијата на земјата во НАТО. Оваа цел се очекува да стане реалност на почетокот од следната година, кога и Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство, со која се очекува да се одбележи трката за следниот лидер на ДУИ. Целта на Ахмети е да „излезе“ како победник и да ја напушти партијата на власт, со цел да се спречат посериозни јазови во ентитетот. Евентуалното губење на изборите ќе биде најлошата можна опција за него и за неговата партија.
Лидерот на АСH, Зијадин Села, ќе ја има последната шанса да го предизвика својот главен политички ривал – Ахмети. Села сака да го постигне она што не успеа да го направи неговиот поранешен лидер, Мендух Тачи, од 2002 година до сега. Друг пораз на Ахмети би го делегитимирал Села за лидер на албанската опозиција и ќе ја отвори дебатата околу тоа кој треба да ја води политичката битка против ДУИ.
Партиите на ДПА, БЕСА и Алтернатива се чини дека бараат начини да го обезбедат своето присуство на политичката сцена, со што ќе добијат време за реорганизација и повторно воспоставување. Лидерот на БЕСА, Билал Касами, се чини дека се соочува со криза за наоѓање на коалициски партнер. Крилото што се отцепи од оваа партија – Алтернатива на Африм Гаши – се чини дека е поблизу до предизборната коалиција со СДСМ, но во исто време ја држи отворена можноста за коалиција со АСХ на Села. Близу до предизборна коалиција со СДСМ е и партијата на Тачи, која исто така ја остави отворена можноста да излезе на заедничка листа со ДУИ на Ахмети.
Како што ретко се случува на политичката сцена, овој пат наоколу има многу актери и исто толку комбинации за предизборни или пост-изборни соработки. Досега се исклучени само две соработки: БЕСА со Алтернатива и АСХ со ДПА. Со етничките македонски партии, секоја соработка е оставена отворена, со што ја прави оваа изборна трка најнепредвидлива од кога и да било. / КПД