сабота, јуни 14, 2025

Шпанска серија

Кога во 1992 година цела Македонија падна во транс по содржината што ја нудеше легендарната „Касандра“, никој не можеше ни да замисли дека по речиси три децении овој народ ќе го живее тоа сценарио. Она што тогаш се чинеше дека се случува само на филм, денес ни се случува во јаве. Оваа генерација има неповторлива чест во еден животен век да ужива во секоја епизода од сапуница, и за неколку години да поминува низ секој детал што го гледал на телевизија.

Автор: Katerina Topalova

Му најавил дека има влијателен човек, дека може да влијае на истрагата и пресудата, дека со неколку милиони може да биде слободен човек. Се шетале по ресторани, бил дома кај уценувачот со министри, договарале зделки, не му се допаднале, ги викнал кај него дома, вклучил камери, ставал пари во Луј Витон чанти, снимил се и без никаква монтажа направил филм. 

Секоја реплика на главните глумци е излишна. Луѓе, нема режисер што ова може да го смисли подобро. 

И додека светот се подготвува за прослава на Божик, додека ужива во светки, лампиони и елки, нашите медиуми не изоставуваат детал од оваа сапуница која секој ден нуди нова епизода од судницата.

Нашминкани, дотерани, испеглани, и сведоци и обвинети. Народот гол и бос. Има една поговорка која вели-„ако не можеш да го истепаш-исмеј му се.“ Тоа го правиме. Се ситиме, спомнуваме милиони, зборуваме за светски брендови облека а не јадеме повеќе од ѓеврек и јогурт секое утро. Се чини дека им се смееме, всушност, сите од судницата ни се смеат на сите нас.

Научно е докажано дека лошата вест предизвикува неколку фази: шок, одбивање да се прифати реалноста, тага, индиферентност. Се плашам дека сме стигнати до последната. Тешко веќе некоја вест да не допре толку силно што ќе ги предизвика сите фази по ред. Предолго трае, премногу е, мозокот одбива да преработи ваква сапуница.

Пари би се наполнил секој психијатар што ќе земе да го проучува овој народ.

Она што ме плаши се современите сценарија на филмови што ги гледаме на телевизија секоја вечер. А и не мора да се многу современи, има доста материјал од светските имиња од кој сме се воодушевувале.

 „Касандра“ го живееме по три децении, „Долина на волците“ ни се случи за многу пократок рок. По цели месеци се прикажуваше „Титаник“ во кино салите низ земјава. Најдете си чамец на време, се сеќавате, немаше доволно за сите!

Të fundit