четврток, ноември 30, 2023

Блиску до Лондон, далеку до НАТО

70 години Северноатланска алијанса. Македонија два дена е дел од историскиот самит на НАТО заедно со 29. членки. Нашето знаме веќе се вее со останатите. 

Katerina Topalova

Но, и покрај моќното ДА на најголемата сила во алијансата, земјава нема да слави во Лондон. За полноправно членство недостасува само уште една ратификација. Како утешна награда, во завршната декларација на самитот-само добредојде за Македонија како за 30. членка. 

Ниту еден самит на НАТО земјава не го следела толку релаксирано, но во исто време, ниту на еден самит не била поблиску до членство и во исто време подалеку од полноправноста.

Шпанија има свои проблеми. Последиците од неможноста Мадрид да состави Влада се почувствуваа и на 2977 километри, до Скопје. Земјата не може да мисли на нашето членство во НАТО додека ги брка сопствените демони. Македонија е уште еднаш во чекалната на институцијата која со децении е стратешка цел. Може ли да останеме до недоглед на местото на кое со години сме заковани?

Веројатно не! Шпанија не го ратификувала документот поради сопствени причини. Таа нема да брза да состави Влада заради нас, туку заради себе. Првиот притисок го прави Брисел. Пред неколку дена Мадрид беше опоменат заедно со уште неколку членки дека се уште не го доставил буџетот. Ваквото барање на Унијата најверојатно ќе ги забрза работите во Шпанија, а со тоа ќе ја забрза и радоста во Македонија. 

Крикот на соседите

Секое напредување на земјава бурно се следи и во соседството. Иако членството во НАТО е последица на потпишувањето на Преспанскиот договор, сепак, политичари во Грција на година ипол по влегувањето на сила на документот, гласно размислуваат како да го поништат за Македонија да застане. Поранешниот премиер Самарас е еден од групата кои сметаат дека итно мора да се изнајде начин да се реагира. 

Овие крици тешко дека ќе можат овој пат да направат проблем во процесот на ратификување и полноправно членство, но секако мораат да се следат. Оваа реторика како популистичка мерка може да му донесе само поени на Самарас, но никако не оди во прилог на зближување на двата народа кои треба да живеат по надминувањето на проблемот.

Провокации има и ќе има. Македонија мора да ги следи но и напорно да работи за да не наиде на банален проблем кој ќе ја спречи во остварувањето на деценискиот сон.

Во Лондон нема да славиме. Тоа е сигурно. Да се надеваме дека како новогодишен подарок ќе ја добиеме Шпанската ратификација која ќе не внесе во НАТО!

 

Të fundit