„Лицето на правдата“ синоќа замина дома обезличено. Долга темна јакна, високо крената над очи, широка капа за да ја покрие главата и раце замотани со црна марама за да не се гледаат дека се врзани со лисици. Катица Јанева замина во куќен притвор.
Куќниот притвор како мерка за обезбедување на присуство на обвинетиот може да се изрече ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело и има услови за определување притвор, при што судот може да определи мерка куќен притвор и да му нареди на тоа лице да не го напушта домот за определено време.
Во оваа држава во која животот задолжително треба да се сфаќа како шоу бизнис, хумор и сатира, очекувам да се развива едно поинакво сценарио. Деновиве МПЦ да испрати свештено лице во домот на специјалната обвинителка. Да ја отвори книгата и таа да си земе куќна слава. Откако ќе озваничат кој светец е заштитник на нејзиниот дом, само да пренесе на пријателите кога треба да се појават кај неа.
Жена како жена, сарми, месо, кифли, руска салата, колачи…си има работа. И да сака-нема да може од обврски да го напушти домот.
Пред да светне денот, да проба да се одмори на мебелот, да отспие. Ако фалат столови и маси, знае каде треба да побара!
На големиот празник да ги пречека најблиските. Бога ми, не се малку. Сите можат да и дојдат. Од власт до опозиција. Да прослават со Брега и Бјело Дугме. Тие што пред некој ден ги расположија граѓаните БЕСПЛАТНО, нека ги расположат и нив, и така цело време играме сите на иста музика. Нека ечи песна, нека се јаде и пие до сабајле. Може и огномет да пукне! Не треба славата да трпи за загаден воздух!
Можат да дојдат и судиите. Поднапиени и расположени Рускоска и Апелација полесно ќе ги надминат недоразбирањата. Една дланка луѓе останавме во земјава, зар ќе се караме да му се невиди!
Слава ко слава, се знае, најмногу се зборува за политика. Е тука Катица ќе се најде во тесно. Пред сите ќе мора да избере на чија гарнитура да седне. Нема да и е лесно оти пак никој не и заврте грб, сите пријатели и биднаа. Ама, договор куќа гради. Една одлука за пред луѓе, друга за по дома. Пак едно оро ќе се вие.
Убав период од годината е, слави, празници, семејство на куп. Не е убаво човек сам да ги поминува во затвор.
Што може да ја врати Катица во притвор?
Само фејсбук и твитер. Досегашната пракса покажала дека властите кај нас менуваат одлуки (без разлика на нивната тежина) само ако има бурни реакции на социјалните мрежи. Ако не престане да врне и енормно не се загади воздухот за луѓето да го свртат вниманието на фејсбук на ПМ10 честичките -лошо и се пишува на Катица!