четврток, декември 12, 2024

Кој е правиот пат за да ја обновиме Македонија

Шокот по лошата вест од Макрон помина. Уште не држи лутината, ама и тоа ќе помине при првиот попуст на Wizz air кога билетите за Париз ќе чинат 599 денари па ќе направиме селфи пред Ајфеловата кула.  

Автор: Katerina Topalova

Изминатата недела беше бурна и динамична. Извинувања, состанувања, одлучувања. Имаат ли идеја нашите лидери како понатаму ќе ја водат земјата?

Закажани се избори на 12 април. Ако се земе предвид дека ветувањата за време на кампањите со години беа исти-ќе ве внесеме во ЕУ, сега се чини дојде време да се вметне по некоја нова реченица во говорите на партиските лидери.

Ако сите велат дека се за ЕУ, кој ќе успее да се продаде како билет за влез во унијата?

СДСМ во три години планираше да се прикаже како партија која со фокус на само едно прашање-решавање на спорот со соседите, кој беше голем залак, ќе ја внесе земјава во НАТО и ќе ги отвори портите на Унијата. Франција им ги помати сметките, но ниту еден од владините членови не си даде оставка. Тоа значи дека оваа екипа смета оти се уште има капацитет да работи на своето ветување. Прашањето е како? Во првите партиски убедувања на социјалните мрежи, забележителна е само употребата на зборот Македонија, наместо Северна Македонија. Реториката за демонизирање на опозицијата може да помине само ако покажеа поинаква политика-без непотизам, без корупција, со владеење на правото. Сега? Густа магла се спушти на правиот пат!

ВМРО-ДПМНЕ, пак, очекува во три години магично да исчезнат сите нивни гревови. Тоа што СДСМ направија многу грешки, не ја прави опозицијата подобра. Раните се уште зараснуваат од 11 годишното владеење на оваа партија која исто така не успеја да го убеди Брисел дека сме дораснати за да им бидеме дел од друштвото. Мицкоски ќе ја обновува Македонија врз грбот на Заев. Плукајќи по грешките на Владата, Македонија сама од себе нема да се обнови. Реформираното ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не даде конкретен план како планира да ја внесе земјава во ЕУ и кои се нивните гаранции. Што е тоа што го имаат сега а го немаа пред три години? Зошто Брисел ќе му го дозволи на Мицкоски тоа што му го забрани на Заев?

Сеирџиските митинзи треба да се минато. Потребна е чесна и умна работа. Премногу се потценија гласачите во сите изминати години. Револтот се искажува во најразлични форми, од не излегување на гласање, преку протести на учлиците, до заминување од државата.

Правиот пат до обнова на Македонија е со чесни политичари, кои ќе се надминат себеси, кои ќе веруваат во доброто на сите, кои ќе работат за своите граѓани, кои ќе направат реформи, ќе заборават на скапи автомобили, на луксузни ресторани, на лажни сметки од патарини, на вработување на фамилијата во државна администрација, кои ќе го казнат лошото без разлика на која партија или вера припаѓа. Звучи Скандинавски, но убедена сум дека тоа е единствениот прав пат за да се обнови Македонија!

Дали Можеме-ДА! Дали сакаме? …..

 

Të fundit