Aвтор: Сефер Селими Јр.
Дури и по синоќешната средба меѓу францускиот претседател, Макрон и германската канцеларка Меркел, изолирaниот став на Франција за блокирање на започнувањето на преговорите меѓу Европската Унија, Албанија и Северна Македонија, не се промени. Француското инсистирање за промена на методологијата на преговорите е една закана да се врати во еден вид на деструктивен бумеранг за прогресивни политики во Западен Балкан, особено против Северна Македонија, која е на работ на членство во НАТО, процес што особено ја загрижува Русија, која неколку пати по ред отворено го изрази своето спротивставување.
Се чини дека Францускиот лидер е фатен како заложник од страна на домашната политика и неговото ривалство со Германија околу доминацијата на европската агенда и политиката која ја користи за зајакнување на нискиот рејтинг што го ужива во Франција и како противтежина за да ја амортизира екстремната десница на Марин Ле Пен. Нервозата на Макрон може да се види и од гледна точка да ја одбие номинацијата на Силви Гулард за Комесар, која претрпе пораз кај внатрешните комитети за трговија и индустрија на Европскиот парламент со 82 гласа „против“ и 26 гласа „за“. Овој неуспех Француското претседателство го нарече како „жртва на политички игри“, иако Силви Гулард беше контроверзен предлог за обвинувањата, злоупотреба на службената должност во време на нејзиното членство во Европскиот парламент.
Од оваа перспектива се креваат сомнежи дека изолираната позиција на Франција за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија не е принципиелна, туку само политичка зделка во рамките на Европската Унија. Со оглед на тежината на Германија во донесувањето одлуки во рамките на Унијата и одлуката на германскиот Бундестаг во корист на преговорите, инсистирањето на Макрон е тактика да се бара концесија за неговите тесни интереси, отколку како искрено инсистирање за реформа на Европската Унија. Но, каква е цената на ДА и НЕ што ние како граѓани на овие земји ќе мора да ги платиме и како тие ќе влијаат на регионалната политика?
ДА за Албанија и Северна Македонија – Без оглед на методологијата на преговарање, отворање на преговорите значи потврда на започнатите реформи и тие што треба да се направат во иднина. Иако преземените реформи имаат свои неуспеси, неспорен е фактот дека двете влади го вложија својот политички капитал за да ја унапредат агендата за интеграција, имено нејзиното враќање како приоритет на владата. Отворањето на преговорите дополнително ќе го зголеми притисокот врз владите за продлабочување, забрзување и спроведување на овие реформи. Главното влијание ќе биде врз потврдувањето на перспективите за овие две земји; а во превод тоа значи надеж што ќе го поттикне економскиот развој и ќе го ублажи систематската миграција на граѓаните, еден контрааргумент на аргументот што Претседателот Макрон силно го истакна во корист на неговата позиција. Во политички аспект, ова сценарио би ги зајакнало прогресивните сили кои се посветени на европеизација на општествата и ќе ги отежни позициите на регресивните и евроскептицистичките сили.
ДА за Северна Македонија, НЕ за Албанија – Иако ова сценарио е едно од најверојатните, иако може да дојде преку „креативни решенија“ кои честопати се конзенсус за задоволување на сите страни, сепак доаѓа со големи ризици. Оставањето на Албанија надвор од играта, подобро е разбрано од страна на земјите од регионот како Грција и Бугарија, кои се повеќе свесни за регионалната динамика, и затоа нивното инсистирање за заеднички пакет е исто толку силно колку и решеноста на Франција за неотворање на преговорите и холандското безусловно барање за нивно раздвојување. Албанија, покрај тоа што е една од најважните држави на Западен Балкан, е и сентиментална, културна и историска врска за многу граѓани на земјите со кои се граничи. Идејата и барањето за национално обединување на Албанците беше заменета со идејата за голема интеграција во ЕУ како европски граѓани, а неисполнувањето на тоа може да поттикне заживување на старите идеи. Ова секако ќе влијае на политичката стабилност на Западен Балкан во однос на Европската Унија.
НЕ за Албанија и Северна Македонија – единствениот исход што го гарантира ова сценарио е непредвидливоста. Ова би било опасна потврда на теориите на заговор на евроскептиците и сите други регресивни и ревизионистички сили кои историски ја минираа демократизацијата и европеизацијата на Западниот Балкан. Неуспехот да се потврди европската перспектива ќе убие дури и тоа малку надеж што им остана на граѓаните на овие земји, додека ке ги минира, фрустрира и обесхрабрува сите релевантни чинители што се обидуваат да изградат демократско општество врз европските вредности, отворајќи го патот за безбедност за сите други конкурентни опции на демократијата и Европската Унија.
Факт е дека главните виновници мора да се бараат во рамките на нашата некомпетентна политика, недостаток на сериозност и неуспех во градењето на функционални демократии. Никој не се осмелува да ги амнестира нашите политичари, слабите институции и лошата политика во корист на политичарите и на грб на граѓаните. Но, неотварање на преговарите ќе ни одземе од нашите раце еден витален инструмент за зголемување на притисокот и поголемото барање од нашите гувернери, заклучувајќи се во опасна спирала на „игра на виновници“. Другите се загатка што иднината ќе треба да ја разоткрие и можеби уште еднаш да ја повтори приказната за Франција која не беше на наша страна.