500.000 луѓе! Толку си заминале од земјава. Светска Банка со овој податок го запали алармот дека мора да се превземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава. Вака ќе се доведе под ризик целата економија, пазарот на труд, како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд. Иако предизвика големо внимание во јавноста, бројката не е нова. Истата се споменува уште од 2016 година.
Aвтор: Katerina Topalova
Ако се спореди одливот на таленти од Македонија споредено со земјите од Источна Европа, 24 земји од Источна Европа практично Македонија заедно со Ерменија, Молдавија Босна и Херцеговина се земји од каде имаме најмногу одлив на високобразован кадар.
Половина милион на бројка изгледа многу, но за да биде уште посликовито, ќе објаснам преку пример. Ако се водиме според официјалните податоци за население на Државниот завод за статистика, кој пак ги има статистиките од последниот попис во 2002 година, 500.000 раселени луѓе, значи приближно како целосно заедно да се иселени следните градови:
Штип-47.796
Кочани-38.092
Делчево-17.505
Виница-19.938
Берово-13.941
Пехчево-5517
Радовиш-28.244
Струмица-54.676
Пробиштип-16.193
Валандово-11.890
Неготино-19.212
Гевгелија-22.988
Велес-55.108
Кавадарци-38.741
Куманово-105.484
Македонска Каменица-8.110
Источна Македонија одамна со Бугарски пасош влезе во Европската Унија. Западна, пак, и без Бугарски пасош се снаоѓа низ белиот свет.
Сега кога имаме официјален податок од веродостојна институција, кога нема потреба од редење чевли пред Собрание и Влада за да покажеме колку е тоа многу, ред е да се превземе нешто.
Кој и каква национална стратегија ќе направи за да ги промени статистиките? Кој ќе ги убеди луѓето да не заминуваат? Кој ќе ги врати заминатите?
Барајќи ја правдата за историјата на оваа земја, на крај самата земја ќе ја направи историја.
Деновиве еден од поголемите бизнисмени во државата рече дека миграцијата на работна сила е моментално најголемиот проблем. И не мора да сте голем бизнисмен за да се уверите во тоа. Обидете се да реновирате стан, да побарате плочкар, водоводџија, да побарате мајстор за да ви поправи електричен уред…се чека и повеќе од месец дена, работната рака е поскапа, а за квалитетот никој не гарантира.
Медицинскиот персонал во болниците е изретчен. Сте добиле на бинго ако видите две медицински сестри за време на дежурство на еден кат. Две учителки во градинките чуваат и до 30 деца. Еден новинар прави и по 2 прилози за ист дневник.
Освен ова, дополнително е поразителен фактот што на првиот ден од новата академска година, половина од бруцошите во телевизиска анкета без двоумење изјавуваат дека ќе се едуцираат овде првите години и потоа ќе заминат во странство. Кога индексот се поистоветува со пасош-државата е во сериозна криза.
Миграцијата и движењето на луѓето ги имало секогаш и секаде, но сериозните држави имаат план и идеја како да се справат со проблемот и недостатокот. Кој е нашиот?