недела, декември 10, 2023

Стручните школи бараат живот

Македонските мајстори работат низ Европа. Нашите инженери се насекаде низ светот. Наученото од дома-го наплаќаат во странство. Лошата пазарна цена дома ги тера да размислуваат за надвор. Подобар статус, поценета работа, поголеми услови за напредок.

Автор: Katerina Topalova

Но новите генерации се помалку гледаат атрактивност во стручните факултети. Податоците се поразителни-за пет години, бројот на студенти на високите стручни школи се намалил за 5000.

Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи, во академската 2018/2019 година се запишани вкупно 53 677 студенти, што претставува намалување за 5.7 % во однос на академската 2017/2018 година.

Слична е и ситуацијата со средните училишта. Бројот на ново запишани ученици се брои на прсти. На пример, текстилното училиште во Штип се бори да опстане. Таму, како и во останатите средни стручни училишта во земјава често се шегуваат дека има повеќе професори одошто ученици.

Професорите најчесто се светла точка, посветени професионалци кои многу си ја сакаат работата. Каде е проблемот, зошто мал број ученици решаваат своето образование да го продолжат тука?

Погрешната образовна политика, фаворизирањето на гимназиските профили и изумирањето на одредени индустриски дејности се главните виновници за полупразните технички училишта во земјава. Како училиштата со високо реноме стигнаа до тоа дереџе да запишуваат по едвај триесетина ученици во цела генерација?

Од пред неколку години и општините се вклучуваа со различни активности за да ги заживеат овие образовни институции. Конфекционери и бизнисмени нудеа целосни стипендии и работно место по самото завршување на средното училиште, со цел на време да инвестираат во работната сила.

Иако кампањите за заживување на средното стручно образование даваат резултати, тоа не е и од далеку доволно за да се пополнат капацитетите на некои средни училишта. Очекувано, повеќето од гимназиите, медицинските и економските училишта се пополнети уште во првиот ден, а во стручните се радуваат и на едвај десеттина ученици.

Надалеку прочуената „Од шест до шест за шест“ која важеше за слабо платените конфекционерки, ги предомислуваше младите да ја кројат судбината по овој терк. Во погоните не мириса на парфем, работата треба да е повеќе платена.

Работодавците се на тешки маки, работа има, работници нема.

Која е стратегијата што треба да се направи пред да биде предоцна? Ни истече ли рокот вчера за она што го мислиме денеска?

Човечките ресурси се најбарани низ светот, занаетите-најплатени. Ќе успее ли земјава да ги натера младите да гледаат со поинакви очи кон стручните школи?

Të fundit