четврток, април 25, 2024

КАТИЦА КОВЕСИ ИЛИ ЛАУРА ЈАНЕВА

„ Не се откажувај! Никогаш не се откажувај! Направи го тоа за твојата држава и за твоите сограѓани, без оглед на пречките со кои ќе се соочиш и кои ќе ти ги постават.“ Романскиот симбол на борбата против корупцијата, Лаура Ковеси, беше меѓу првите што ја посети и и` даде совет на колешката во Скопје, Катица Јанева. И двете не се откажаа, ама од што?

Приказната за силната и правична Ковеси во Романија сепак не завршува славно. Иако навидум таа успешно се справуваше со корупцијата, никој не очекуваше да биде мета на владејачката партија, откако го стави во затвор нивниот лидер, Ливиу Драгнеа. Во случајот имаше политички обвинувања против Ковеси, една пресуда, а подоцна и отпуштање од челната позиција на Националниот директорат за антикорупција, пандан на Специјалното јавно обвинителство во Македонија.

Славното СЈО кај нас почна да го губи својот сјај откако внатрешните поделби се почувствуваа и во јавноста. Крајниот удар го зададе челникот на институцијата. Цела доверба на народот ја чинеше креветот од нејзиниот осомничен. Главниот лик, обожуваната хероина од која се очекуваше да го исполни Идризово до последното место, меѓу првите си фати ќелија.

Ама, ако треба да ја гледаме светлата страна, Катица ги седна на маса лутите ривали. Работните меѓупартиски групи бараа решение за важни прашања. Тешко се договараат повеќемина. И лидерите ги спои. Тие чекаа да падне ноќ за да го бараат излезот. Кому ќе му светне во најтемното? Та нели утрото е поумно од ноќта?

Не важат генерални правила во Македонија. Ако во секое правило има исклучок, тогаш тоа сме ние. Оти кога носиме закони не гледаме како ќе ги почитуваме, туку уште при носењето бараме начин како ќе ги надитриме. Така беше и со Катица. Со ноќи во Пржино ја договараа, анализирајќи како ќе ја надиграат.

Ноќта е симбол на страста, на тајната, на недозволената игра. Минатото вели дека следи нова Катица Ковеси или Лаура Јанева. Естрадата е празна. Публиката иако уморна, ќе продолжи да се радува на нов хит. Тие се нотите, само надежта ќе не тера да мислиме дека е нов правец во музиката. И ќе свири и ќе свири на најгласно низ целата држава.

Кога го спомнав поимот држава, ме потсети на случката со познатиот Српски филозоф, Владета Јеретиќ, што се прераскажува. Имено, кога негов студент сакал да го почести пијалак како благодарност зашто научил многу од својот професор, тој му одговорил:

„ Немојте секогаш да правите по принципот јас тебе-ти мене. Јас сум направил нешто за вас. Немојте сега вие мене да ми вратите. Кога некој ќе направи некое добро за вас, вие направете добро за некој трет, па тој за сосема друга личност и така да се направи круг на добри дела. Правилото јас тебе-ти мене е одраз на племенска свест и основ за корупција!“

Во нашата држава со племенска свест уште е важно да се игра според правилото- јас тебе нема сега, ти мене нема после! Сите среќни и задоволни!

Të fundit