понеделник, декември 11, 2023

Инклузија или илузија

Автор: Катерина Топалова

Со иста архитектура, без нова набавена апаратура и без посебно обучен кадар, основците за две недели ќе ја почнат инклузијата. Уредување на правата на учениците со посебни образовни потреби е една од работите предвидени со новиот закон за основно образование донесен летово, а кој ќе се применува од новата учебна година.

Брзо, со расправа но без да ги прифати сите препораки на Народниот правобранител, законот беше донесен. Министерот се пофали дека ќе има квалитетно образование подеднакво за сите.

Досегашната пракса вели дека тие се дискриминирани при самото запишување уште од градинки, отфрлени и оставени на милост и немилост на личните политики на директори, наставници и училишта, соочени со тотално нестручен кадар и огромен недостиг од стручни лица и дефектолози во сите сегменти на образованието. Родителите велат дека според законот- има инклузија, ама во практиката е сосема поинаку. Образованието за нивните деца не е ни приближно рамноправно, а најчесто е и непродуктивно.

Непосредно пред самиот почеток на учебната година, останува дилемата дали училиштата имаат точен податок колку деца со посебни потреби ќе ги посетуваат? Дали ги имаат потребните средства за да можат да ја следат наставата? Дали физички се достапни за овие ученици? Дали кадарот знае да одговори на секој ученик?

Образовната инклузија е можност за квалитетен пристап во реформите на образованието. Таа, пред сѐ, е педагошки, а не дефектолошки предизвик со неопходно вклучување на голем број експерти од различни области неопходни за поддршка на децата, особено на децата со посебни потреби за да можат максимално да ги достигнат своите можности во процесот на воспитување и образование. Учењето е најефикасно во средина што има интерперсонални односи и интеракции, и кога ученикот се чувствува уважен, почитуван и признат. Токму во тоа е и нејзината суштина – како редовните училишта и одделенијата да се развијат на начин што ќе одговара на образовните и социјални потреби на секој ученик и се оформат во место каде што секој ученик припаѓа, каде што е прифатен и поддржан од соучениците и сите други членови на училишната заедница.

Но за да се случи приспособување на училиштата кон различностите на учениците потребно е да се направат и длабоки промени во образовниот систем. Услов за остварување инклузија е културна реконструкција на училишниот систем.

Инклузијата е и култура на граѓанско однесување. Секое дете понекогаш има потреба од дополнителна или додатна поддршка. Инклузијата ни е потребна на сите. Некогаш даваме, а некогаш примаме поддршка. 

Освен текст на хартија и неостварени ветувања, родителите на деца со попреченост досега не добиваа ништо повеќе. Дали и овој закон е само илузија или ќе биде почеток на вистинска инклузија? Ќе мораме да срушиме многу бариери. Инклузијата е процес и на неа постојано треба да се работи, но дали сме подготвени за старт?!

Të fundit